Колку пари од новиот Буџет ќе се издвојат за заштита на животната средина?
Заедницата на еко-активисти „Скопје смог аларм“ бара Владата да оформи посебен Фонд за заштита на животната средина и да одвои околу 1% од проектираниот БДП за 2018 година.
Според Еуростат, во 2015 година Словенија одвоила 389 милиони евра, додека Бугарија одвоила 358 милиони евра за заштита на животната средина, т.е. вкупните расходи за заштита на животната средина на владите во ЕУ-28 земјите изнесувале просечни 0,8% од БДП.
– Поради катастрофалната еколошка состојба во Македонија сметаме дека Владата треба да одвои околу 1% од БДП во посебен Фонд за заштита на животната средина. Го повикуваме Министерството за животна средина итно да изготви акциски план и соодветни проекти за бараните средства – повикуваат од „Скопје смог аларм“.
Како илустрација за лошо приоретизирање на јавните политики, во изминативе 10 години потрошени се скоро 700 милиони евра за проектот „Скопје 2014“ според Призма – Бирн, додека годишниот буџет на Министерството за животна средина и просторно планирање варира помеѓу пет и десет милиони евра.
Потсетуваат дека според Светската Банка (2015) како последица на аерозагадувањето, македонската економија трпи годишни загуби од 253 милиони евра или 3,2% од БДП, што значи дека реалниот раст на економијата изминативе години е 0%. Овој тренд мора да запре., порачуваат од „Скопје смог аларм“.