Охрид: Глобален инвестициски самит за подигнување на македонската економија
Членовите на бордот на Македонија 2025 на инвестицискиот самит, кој деновиве се одржа во Охрид, се договорија да ги зајакнат врските на дијаспората со татковината, да ја поттикнат македонската економија, Македонија да ја престават како привлечна дестинација за странски инвестиции и да им се помогне на македонските претпријатија да станат поконкурентни.
Претседателот на одборот на Директори на Македонија 2025, Мајк Зафировски, задоволен од одзивот и посетеноста соопшти дека биле добиени многу позитивни информации од голем број претставници на дијаспората кои побарале самитот да се одржува еднаш годишно.
Членови на одборот на директори на Македонија 2025 информираа за целите на самитот како што се Македонија да стане поубаво место за живеење за што е потребно ставање на располагање на сите потенцијали на дијаспората и домашните бизнисмени. Сега тие очекуваат нови членови и донации. Се надеваат дека заедно ќе постигнат раст на македонската економија. Од дијаспората очекуваат помош при трансферот на технологии и знаења.
Самитот заврши со конкретен предлог за формирање на капитален фонд за поддршка на македонските претпријатија. Главни инфеститори на фондот се инвестицискиот фонд СЕАФ и Македонија 2025. Тој ќе тежи 15 милиони долари, од нив 80 отсто се веќе обезбедени и минималниот поединечен влог на инвеститор ќе треба да тежи 500.000 долари.
Според Хубертус Јан Ван Дер Варт, претседател и соосновач на СЕАФ, фондот ќе поддржува македонски претпријатија од земјоделство, здравство, фармација, едукацијата и друго.