Рекордна вработеност во Германија!
Благодарение на добрата конјуктура, бројот на вработените во Германија шеста година по ред, достигнува рекорд, јавува Дојче веле. Во просек околу 41,5 милиони луѓе имале работно место, во 2012 година.
Бројот на вработени, лани, според податоците на Сојузната служба за статистика бележи зголемување од 416 илјади луѓе или еден процент повеќе од 2011 година.
Вработеноста пак од 2005-та досега пораснала за речиси седум проценти, односно за околу 2,66 милиони луѓе.
Од позитивниот развој на германскиот пазар на труд профитираат посебно вработените со платени социјални давачки, чиј број, како и во 2010-та и 2011-та расте надпропорционално.
Според привремените податоци бројот на невработени во 2012 година споредено со претходната година е намален за 162 илјади, на 2,34 милиони. Квотата на невработеност во истиот временски период од 5,7 се намалила на 5,3 проценти.
Од средината на минатата деценија бројката невработени е речиси преполовена, соопштуваат статистичарите.
Податоците за состојбата на пазарот на труд се пресметувани според меѓународна споредбена дефиниција и не одговараат на бројките кои според друга метода ги соопштува Сојузната агенција за труд.
