Се отвора македонското небо за ефтини авио летови!
Неколку нискобуџетни авиокомпании од Европа, Америка, Азија, но и од Истокот го скенираат македонското небо. Воздухопловната власт во земјава најавува директни летови од Скопје до некои од поголемите градови во Канада, Бразил и Сингапур, објави Фактор.
Од Агенцијата за цивилно воздухопловство потврдуваат дека во преговори се за потпишување билатерална спогодба за отворање на небото меѓу Македонија и Бразил, Кувајт, Сингапур, како и Финска, Естонија и Полска. Последните неофицијални информации до кои дојде Фактор се и дека за февруари годинава година е закажана средба помеѓу претставници на Kатарската национална авиокомпанија Qatar Airways и директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Дејан Мојсовски, за да се договорат околу воспоставување на директна линија меѓу Скопје и Доха.
“Бразил допрва ќе стане атрактивна туристичка дестинација за Македонците. Ако се земе предвид и дека Бразил во 2014 година ќе биде домаќин на Светското фудбалско првенство, а во 2016 година таму ќе се одржуваат Олимписките игри, за нас ќе биде голем предизвик да воспоставиме авионска линија до Бразил. Се уште не можам да прецизирам дали тоа ќе биде директна линија или можеби ќе ја искористиме конекцијата од Скопје до Дубаи“, вели за Фактор, директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Дејан Мојсовски.
На почетокот од летото во 2012 година САД го отвори небото за летови од Македонија. Агенцијата за цивилно воздухопловство потпиша договор со Америка, според кој се регулира воздушниот сообраќај меѓу САД и Македонија. Но, се уште се чека на авиокомпанија која ќе понуди директна линија до еден од американските аеродроми. За период од една година Македонија доби и неколку нискобуџетни авиокомпании, како Пегасус, Бел ер, Eр Берлин и Визер. Во изминатите две години за прв пат беа воведени директни летови до Лондон, Москва, Амстердам, Рим, Анкона, Хелсинки, Ајндховен, како и до Милано, Малме, Минхен, Дортмунд и до Базел.