„Тиквеш“ со сребрен медал на меѓународен натпревар на вина во Франција!
Во категорија од над 1000 розе вина на меѓународниот натпревар „Le Mondial du Rosé“, што се одржа по десетти пат во Франција, виното на „Тиквеш“,„Розе Classic“ од бербата 2012 доби сребрена награда.
Неа Тиквеш ја освои во силна конкуренција затоа што годинава на овој реномиран и високо специјализиран натпревар за розе вина се натпреваруваа винарници од 28 земји од светот. Најголем број беа винарниците од Франција, Шпанија и Италија, како и од Јужна Америка.
Квалитетот на вината го оцени стручното жири составено од 65 претставници од 18 различни земји со долга винска традиција. Согласно регулативите и стандардите на Интернационалниот вински институт, само мал дел од вината што учествуваат на фестивалот добиваат награди, исполнувајќи ги строгите критериуми на најголемиот натпревар на розе вина во светот. Тиквеш е единствена винарница од земјава и регионот која доби награда на ова престижно натпреварување.
Од вкупните произведени количини на виното „Розе Classic“ на „Тиквеш“ околу 20% се пласираат на домашниот пазар, додека останатите 80% се извезуваат. Во 2012 година продадени се 227.500 шишиња од Розе Classic.
Сребрениот медал од меѓународниот натпревар во Франција стигна откако три вина на „Тиквеш“ добија и високи награди на регионалниот вински фестивал „Вино Балканика“, што се одржа во Велико Трново во Бугарија. Таму виното „Темјаника Special Selection“ 2012 беше наградено со злато, додека сребрен медал добија црвеното вино „Барово“ 2011 и „Ркацители Special Selection“ 2012.
