Европа знае за партиските вработувања во земјава
Европската унија е свесна за проблемите во државната администрација и вработувањата по партиски клуч. Дополнително, тука се и вработувањата по Рамковен договор – вработените земаат плата а седат дома. 24 Вести јави дека и евроамабасадорот Аиво Орав изјавил „Проблем има, реформите се неопходни“.
Орав потсети дека и Европската комисија во својот последен октомвриски извештај за напредокот на Македонија посветила големо внимание на ова прашање. Колку точно брои вкупната администрација и во централната и во локалната власт, во државните и јавните фирми и инеституциите – не се соопштува. Се лиферува со бројка од 162 илијади вработени во државни јасли.
Новите вработувања продолжија и годинава, во тек се огласи за нови вработувања на околу 250 лица. Сега се спроведува и операцијата за прераспределување на оние 1.600 што влегоа преку Македонски шуми. Владата им бара место во локалната и централната власт.
Иако беше најавено зголемување на платите за администрацијата, до година сепак платите на административците остануваат замрзнати, но не и вработувањата. Покрај Европската комисија, и експертската јавност упатува на потребата од професионализација на чиновничкиот апарат. Вработувања и напредување според квалитет, а не според партиска заслуга.
