Груевски ги повика германските бизнисмени да ја истражат Македонија

Објавено на 13 декември, 2013 во 15:35

Германските бизнисмени да ги истражат инвестициските можности и предности кои ги нуди Македонија, порача премиерот Никола Груевски во обраќањето на економскиот форум „Европа 20–20: Предизвици и реформи за стопанството и животната средина, што се одржува денеска во Скопје во организација на Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Европската бизнис асоцијација, јави Плус инфо.

– Несомнено странските инвестиции имаат големо значење за македонската економија поради што како Влада сме подготвени да излеземе во пресрет и да ја обезбедиме севкупната поддршка за реализација на инвестициите – рече Груевски.

Груевски се осврна на реформите за подобрување на бизнис климата.

– Македонија успеа да се наметне како земја од која на германскиот пазар се испраќаат производи со повисока технолошка вредност. Ова ја подобрува перцепцијата кај германските бизнисмени и претставува силен аргумент Македонија да биде следната локација за нивните инвестиции – рече Груевски.

Пред учесниците на економскиот форум Груевски потсети на поволностите за странските и домашните инвеститори во слободните економски зони, истакнувајќи дека за реализација на нивните инвестиции имаат постојана поддршка од македонската Влада, која презема активности за стабилна макроекономска состојба.

Германија е најзначаен трговски партнер на Македонија со вкупна надворешна трговска размена од 1,4 милијарди евра во 2012 година. За периодот јануари – септември размената изнесува 1,2 милијарди евра што претставува раст од скоро 20 проценти споредено со истиот период лани. Извозот, како што посочи, во 2012 година изнесува 914 милиони евра и е скоро трипати поголем во однос на 2009 година.

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.