Српските власти и Лавров ќе разговараат за иднината на Јужен тек
Разговорите за гасоводот Јужен тек ќе бидат на врвот на агендата на денешните разговори меѓу рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров и српските официјални претставници. Лавров денеска ја завршува дводневна посета на Белград.
Сомневања за продолжување на гасоводот Јужен тек се покренаа откако Бугарија најави дека ја прекинува изградбата на кракот од гасоводот кој требаше да поминува низ нејзина територија.
Српскиот премиер Александар Вучиќ на 9 јуни, рече дека Белград сé уште не донел одлука за изградба на нејзиниот дел од гасоводот, кој треба да пренесува руски гас кон ЕУ заобиколувајќи ја Украина и да поминува низ Балканот.
Лавров откако пристигна во Белград ја пофали Србија дека придонесува за обединување, а не за поделба на Европа. Тој пред новинарите изјави дека Русија сака „Голема Европа без било какви линии на поделба.“
