Горивото најскапо во Хрватска, најефтино во БиХ и Македонија
Цените на нафтата и нафтените деривати, после падот на глобалниот пазар, се намалени и на Балканот, а најскапото гориво во регионот го точат граѓаните на Хрватска, најефтино е во Босна и Херцеговина (БиХ) и Македонија.
Како што пренесуваат балканските медиуми, повикуваjќи се на агенцијата Анадолија, цените на нафтените деривати во БиХ се намалени неколку пати, па литар бензин 95 сега изнесува 2,10 конвертабилни марки (КМ), односно 1,07 евра, а литар дизел 2,0 КМ или 1,02 евра, што се просек најниски цени во регионот.
Според најновите податоци, кај нас литар бензин 95 чини 67,00 денари или 1,05 евра, литар бензин 98 се продава по цена од 69,00 денари (1,19 евра), а дизелот по цена од 51,00 денари .
На трето место по ефтино гориво е Србија каде, како се наведува, цените сепак варираат од ден во ден, од пумпа до пумпа. Литар бензин 95 чини во просек 145,9 динари (1,21 евро), додека за литар дизел треба да се издвојат околу 146,9 динари (1,22 евра).
Следи Црна Гора каде од денес горивото е поефтино од три до шест центи. Литар евросупер BMB 98 е поефтино шест, а BMB 95 пет центи, па чинат 1,29, односно 1,26 евра. Најскапото гориво на Балканот го точат Хрватите кои за литар бензин 95 мора да издвојат 10,07 куни, или 1,33 евра, а за литар дизел 8,94 куни, односно 1,18 евра.
Истиот извор наведува дека најскапото гориво во Европа се продава во Норвешка, каде литар бензин 95 изнесува 1,71 евро, а литар дизел 1,49 евра. Следи Италија, каде граѓаните за литар бензин 95 плаќаат 1,69 евра, а литар дизел 1,50, и Велика Британија, со цена од 1,68 евра за литар бензин 95 и и 1,65 евра за литар дизел. Најефтината нафта во Европа ја има Русија, каде литар бензин 95 чини 0,55 евра, а литар дизел 0,53 евра. После Русија најефтино гориво има Украина, каде литар бензин 95 се продава по цена од 0,89 евра , а литар дизел по 0,85 евра.
Меѓу најефтините европски земји, каде се работи за нафта, се наоѓаат БиХ, Македонија и Бугарија.
Извор: Фактор
