Бизнис денешни вести
Будимпешта – Унгарија лани оствари суфицит од 9,97 милијарди евра во стоковата размена со светот, што е за 1,38 милијарди повеќе од 2015 година. Извозот на Унгарија лани е зголемен за 3,1 отсто на 93,27 милијарди евра, а увозот порасна за 1,7 проценти на 83,29 милијарди евра, покажуваат првите податоци на Државниот завод за статистика (КХС). Само во декември минатата година, унгарскиот надворешнотрговски суфицит достигнал 556 милиони евра и е помал за 82 милиони во однос на истиот месец претходната година.
Франкфурт – Оваа година почна со намалување на каматите на најпопуларните готовински кредити, како и на тие за рефинансирање. Почетокот на оваа година го карактеризираат кредити на мали суми кои брзо се одобруваат и понуда на кредити на долг рок и поголеми суми. Банките се трудат да ги привлечат клиентите не само со намалени стапки, туку и со други поволности.
Франкфурт – Германскиот гигант за тешка индустрија и челик „Тисен Круп“ ја потврди прогнозата за цела година, откако првото фискално тримесечје повторно го заврши со позитивен резултат, благодарение на добрите резултати од работењето со лифтови и делови за возила. Индустрискиот гигант нето профитот од осум милиони евра во период од октомври до декември го оцени како „добар почеток на новата фискална година”. Во истиот период претходната година компанијата забележаа нето загуба од 23 милиони евра.
Копенхаген – Данскиот бродски и нафтен гигант „Маерск“ во 2016 година забележа големи загуби поради отпис на имотот во нафтениот сектор. Компанијата во соопштение најави и оставка на долгогодишниот претседател на Управата. „Маерск“, најголема светска бродска компанија, во четвртото ланско тримесечје отпиша 2,7 милијарди долари вреден имот во две филијали, бидејќи како што објави, очекува послаби перепсктиви.
Париз – Француската банка „Сосиете Женерал“ соопшти дека забележала пад на профитот минатата година, поради загубите поврзани со продажбата на „Сплитска банка“ во Хрватска и растот на трошоците. „Сосиете Женерал“, како што се наведува во соопштението на банката, во 2016 година забележала пад на профитот од 3,87 милијарди евра, што е за 3,2 отсто помалку во однос на претходната година. Сепак резултатите се подобри од очекувањата на аналитичарите, кои предвидуваа нето профит од 3,6 милијарди евра.
Москва – Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека е подготвен да му помогне на германскиот автомобилски гигант „Фолксваген“ да ја развие дејноста во Русија. Путин на средба со главниот извршен директор на „Фолксваген“ Матијас Милер во Москва, рече дека е подготвен да помогне во време кога продажбата и побарувачката за автомобили се се послаби. Путин истакна дека ги разбира предизвиците со кои се соочува овој производител на автомобили во Русија, земја во која поранешниот динамичен автомобилски пазар опадна како жртва на континуираниот пад на стопанството.
Москва – Руската Влада ќе се откаже од ограничувањето на рокот за бесплатна приватизација на станбените недвижносто, најави на својот Фејсбук профил рускиот премиер Дмитриј Медведев. Според моментно важечкиот закон, поволноста за бесплатната приватизација за граѓаните треба да заврши до 1 март оваа година. Претходно, тој рок неколку пати беше продолжуван, прво до 1 март 2010 година, а потоа до истиот датум 2013, 2015 и 2016 година. Медведев предлага рокот за бесплатна приватизација на станбените недвижности во целост да се укине, што би се утврдило и со закон.
Њујорк – Американскиот медиумски конгломерат „Дизни“ ги објави приходите за четвртиот лански квартал, кои се пониски од очекуваните, поради послабите рекламни приходи од ЕСПН. Вкупниот приход на компанијата опадна за три отсто на 14,78 милијарди американски долари, во однос на прогногазата од 15,26 милијарди американски долари. Неочекуваниот пад на приходите ја фрли во сенка поголемата профитабилност која е над очекувањата. Падот на годишно ниво се објаснува и со огромните приходи во истиот квартал претходната година, што компанијта ги оствари од нородолжението на „Војната на ѕвездите”/MIA
