Заев: Инвестираме во стабилен енергетски систем
02.04.2021
Инвестициите во енергетската мрежа се од голема важност за целиот елктроенергетски систем и имаат директно влијае на пристапот и стабилноста во снабдувањето со електрична енергија за домаќинствата од овој регион, за малите претпријатија, како и за големите индустриски капацитети, порача премиерот Зоран Заев на денешното пуштање во употреба на новиот 400/110 киловолтен трансформатор во Трансформаторска станица „Битола 2″, инвестиција на АД МЕПСО од 2,4 милиони евра.
Нагласи дека континуирано се инвестира во енергетскиот сектор во земјава и додаде дека веќе се завршени или се почнати нови проекти во областа на енергетиката кои, како што рече, значат помош за економијата, за инвестициите за побрз развој и за подобар животен стандард. Оваа недела, потенцира, ги потпишавме и договорите за инвестиции во Александруполи со што ја осигуруваме енергетската иднина.
-Оваа трафостаница има круцијално значење за целиот електроенергетски систем. Тука е приклучен и тука ја предава електричната енергија РЕК Битола. Од тука тргнува интерконективниот далекувод кој ја поврзува земјава со Грција, а токму тука, со проширување на последното поле во трафостаницата се подготвува теренот за изградба на интерконецијата со Албанија, преку далекуводот Битола-Елбасан, посочи Заев.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски рече дека инвестициите во електропреносниот систем што се реализираат се само доказ за стратешките одлуки во зајакнување на електро-енергетскиот сектор во земјава.
-Овие инвестиции се значајни за севкупниот стопански развој на државата која има клучна улога во регионалното енергетско поврзување. Оттука оваа инвестиција е од огромно значење не само за Битола и Пелагонискиот регион, туку и за нас како држава и за цел енергетски сектор, рече Бочварски и посочи дека на тој начин испраќаме јасна порака до сите сегашни и идни инвеститори.
Со модернизацијата на оваа трафостаница, додаде, сега нудиме стабилно и редовно снабдување со електрична енергија, a тоа е одговор на нивните потреби.