Македонија, Србија и Албанија во „европското семејство“!
Приоритет на Ирското претседателствување со ЕУ.
Влегувањето на земјите од Западен Балкан во Европската унија ја има поддршката на Ирска. Оваа членка на ЕУ која од вчера е претседател на Унијата за свој приоритет го дефинира привлекувањето на Македонија, Србија и Албанија во европското семејство.
„Ирска силно ќе го поддржи пристапувањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ. Ние ќе се залагаме и за идните граѓани на Унијата, оние што живеат во нашето соседство и се надеваат на влез во ЕУ,“ порача ирската министерка за европски прашања Лусинда Крејтон.
Во официјалното претставување на приоритетите на Ирска во водењето на ЕУ во наредните шест месеци први на листата се економското опоравување, растот и вработувањето, јавува МИА.
Според Крејтон, за време на седмиот циклус претседателствување на Ирска со ЕУ, оваа држава ќе посвети големо внимание и ќе даде дополнителни напори во врска со проширувањето. Всушност, токму Ирското претседателство со Унијата во 2004 година беше одбележано со најголемото проширување на ЕУ, кога дури десет земји се приклучија на “големото европско семејство”.