Филипче: Eдинствени сме на Западен Балкан што имаме најсовремена коктел-терапија против корона
Министерството за здравство вчера објави дека во земјава пристигна најсовремената терапија за третман на заразени со коронавирус.
Министерот за здравство, Венко Филипче, на Фејсбук објави дека станува збор за моноклонална „коктел-терапија“ со антитела од лековите “CASIRIVIMAB и IMDEVIMAB”.
-Во моментов, ние сме единствената земја на Западен Балкан чии граѓани имаат пристап до овој лек, додаде Филипче.
Министерството за здравство посочува дека Македонија после бројни преговори, успеа да се приклучи на здравствениот договор за рамковната спогодба според кој земјите-членки на ЕУ имаат ексклузивно право на таа терапија.
Рамковната спогодба со швајцарскиот производител „Hoffman-La Roche, Ltd “ го склучија 19 членки на ЕУ, Норвешка и С. Македонија.
Филипче изјави дека лекот ќе се користи за потребите на Клиниката за инфективни болести во Скопје и додаде дека ќе им биде даден и на пациенти кои не се сместени во болницата, со што се очекува да се намали потребата за хоспитализација.
-Овој коктел од две моноклонални антитела е специјално дизајниран да ја блокира инфективноста на коронавирусот што ја предизвикува болеста Ковид-19, рече Филипче.
Оваа нова „коктел-терапија“ за третман на заразени со коронавирус е одобрена од Европската агенција за лекови.