Храна ќе има, не се очекуваат проблеми со увозот, можни нови поскапувања

Објавено на 3 август, 2022 во 10:04

Кризата со храната во светски рамки станува се поактуелна. Состојбата е загрижувачка, а последиците, велат експертите, допрва ќе се чувствуваат. Руско-украинскиот конфликт дополнително го наруши глобалното снабдување кое веќе беше загрозено од климатските промени и корона-пандемијата.

Колку земјава успева да се справи со ваквите „закани“ и како го менаџира ударот? Кој е резултатот од досегашните мерки за заштита на граѓаните и стопанството, се интензивира ли домашното земјоделско производство и кои култури се „најкритични“?

Надлежните уверуваат дека храна ќе има. И науката смета дека со недостиг нема да се соочиме, но предупредува на внимателност околу цените на одредени производи. Според земјоделците, може да се справиме со предизвиците и да обезбедиме сопствена храна само доколку политиките, мерките и субвенциите бидат креирани во насока на јакнење на вистинските производители, оние чија основна дејност е земјоделството. Бизнисот, пак, е дециден, дека ќе бидеме погодени од глобалниот недостиг, но колку, не може точно да се каже зашто зависи од тоа што ќе се преземе за да се намалат несаканите ефекти.

-Актуелната состојба секако загрижува, но моето мислење е дека кај нас сепак нема да се случи недостиг од храна. Она што не погодува и на што треба да сме внимателни е цената на одредени земјоделско-прехранбени производи кои ние не ги произведуваме во доволни количини и кои се од увоз, а сведоци сме дека цените сериозно пораснаа. Увозно сме зависни за одредени производи, но за жал тоа се основните прехранбени производи, пред се пченицата (брашното), маслото за јадење, месото (пилешко и говедско), млекото,… Она што е за нас како држава позитивно во оваа криза, предизвикана пред се од руско-украинскиот конфликт, е што не сме увозно зависни од овие дестинации. Главно ги увезуваме овие производи на регионалниот пазар, пред се од Србија, Хрватска, Бугарија, Унгарија, вели за МИА професорот Драги Димитриевски од Факултетот за земјоделски науки и храна.

Димитриевски нагласува дека земјоделското производство бележи опаѓање, а и приносите се ниски.

-Имаме производство кое, за жал, во последниве години опаѓа, а пред се се намалуваат обработливите површини и не само за културите кои ги наведов претходно, туку се намалува и бројот на добитокот. Се ова е резултат на комбинација од повеќе фактори, но најсериозен е депопулацијата, односно заминувањето на младите од руралните средини и напуштањето на производните капацитети. Во однос на приносите, немаме позначајни промени и главно тие се ниски, објаснува професорот.

Тој не очекува нарушувања и проблеми во однос на увозот.

-Сметам дека пазарот ќе функционира и дека нема да дојде до таква радикализација, да се доведеме во ситуација да нема од каде да увеземе иако тоа, секако, пред се ќе зависи од одлуките на државите од каде што увезуваме. И земјите што имаат големо производство на овие производи треба да го пласираат тоа производство за да не се доведат во состојба нивните производители да бидат оставени без доход, да не можат да го продадат произведеното. Се работи за производство со ограничен период на користење, кое мора да се пласира, подвлекува Димитриевски.

Професорот укажува и дека за вакви кризи, јасни се препораките на науката – домашното производство сериозно да се поддржува и промовира.

-Во вакви услови се согледува значењето на домашното производство кое треба сериозно да се поддржува и промовира, а науката да го прати производството и таа да се поддржува. Тоа и на студентите им го предавам, дека основна причина за постоење на земјоделските политики е обезбедување храна за населението на државата. Оттука, сите мерки за поддршка на земјоделството треба да се насочат кон користењето на сите производни капацитети, зголемување на продуктивноста во производството преку воведување современи технологии, користење на современите технички достигнувања, што, пак, може да се постигне само со користење на науката, односно на целиот научен потенцијал на државата, потенцира Димитриевски.

Националната федерација на фармери (НФФ) оценува дека во однос на храната, земјава станува увозно зависна што загрижува посебно сега, во услови на здравствена, енергетска и економска криза, а не се исклучени и уште поголеми поскапувања на прехранбените производи.

-Tреба на сите да ни биде јасно дека стануваме увозно зависна држава за храна. Според статистиката, во 2020 година увозот на храна и живи животни изнесува 618 милиони евра, а извозот e 392 милиона евра. Најголем увоз се бележи кај месото, потоа се зеленчукот и овошјето, па житарките, млекото и млечните производи, како и шеќерoт. Овие факти загрижуваат и ние како увозно зависна земја, се соочуваме со негативни влијанија врз македонската економија. Ќе следуваат уште поголеми поскапувања на прехранбените производи и тоа се случува секаде во регионот, па и во светот. Притоа, најголема штета претрпуваат земјоделците и потрошувачите. Кај нас има еден парадокс – поскапуваат прехранбените производи, а примарните земјоделски производи се со ниски откупни цени, без разлика што и тука цените на инпутите растат, како што се нафта, заштитни препарати, ѓубрива, додека сезонска работна сила нема или е многу скапа, вели за МИА претседателката на НФФ, Васка Мојсовска.

Таа нагласува дека ваквите движења во земјоделството, каде што цените на откупените производи се многу ниски во однос на цените за производство, делуваат демотивирачки врз малите земјоделци кои стихијно почнуваат да ги намалуваат своите површини и да ги напуштаат руралните средини. Треба да се развиваат и да се јакнат синџирите за снабдување со храна од домашно производство.

Немаме доволно домашно производство и увезуваме храна зашто секторот, како нископрофитабилен, не е воопшто атрактивен за младите луѓе, а и производство не е многу автоматизирано, оценува Агро бизнис комората при Сојузот на стопански комори.

Земјава, дополнува, секако ќе биде погодена од глобалниот недостиг на храна, но колкава ќе биде димензијата не може точно да се каже бидејќи зависи од тоа кои мерките ќе се преземат за да се намалат несаканите ефекти.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски е дециден дека храна ќе има и апелира, граѓаните да не се грижат.

-Се соочуваме со тешка прехранбена криза, но граѓаните може да бидат спокојни. Храна ќе имаме доволно за сите. Домашното производство на стратешки култури го стабилизираме и помагаме, креирајќи нови мерки за поддршка на земјоделците и за есенската сеидба. Преку ребалансот подготвивме земјоделски буџет со кој ги расчистуваме заостанатите обврски кон земјоделците, а почнува и авансната исплата на субвенциите, нагласува Николовски.

Од Министерството за економија потсетуваат дека за ублажување на ситуацијата согласно Законот за трговија досега беа преземени мерки на ограничување на цените, мерки за ограничување на трговската и профитната маржа во трговијата на големо и мало и мерки на забрана за извоз на одделни производи.

Во март годинава Владата ја усвои Програмата за Интервентниот фонд во земјоделството, „тешка“ четири милиони евра која, како што образложи тогаш министерот Николовски, нема никаква врска со останатите редовни програми за директни плаќања. Од Фондот, 120 милиони денари или околу два милиона евра се за субвенционирање на трошоците за ѓубрива, но дополнителни средства има и за одгледувачите на јагниња и свињи.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.