Јаневски: Туризмот како никогаш досега им е потребен на економиите на земјите на Балканот
Туризмот како никогаш досега им е потребен на државните економии и неговото значење и моќ ќе бидат видливи во наредните години уште повеќе, фокусирајќи се на целите за 2025 година во која треба да се надминат 3,7 милиони ноќевања и повеќе од 600 милиони долари туристички промет во македонската економија, истакна директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски на регионалната конференција за туризам под наслов „CHECK IN“ која се одржува во Требиње, во БиХ, на 5 и 6 октомври.
На конференцијата во првиот панел „Резултатите во туризмот и кои мерки треба да бидат воведени за стимулирање на туристичкиот раст“, покрај излагањето на Јаневски, обраќање имаа и министерот за трговија и туризам на Република Српска Денис Шулиќ, министерката за животна средина и туризам на Босна и Херцеговина Насиха Поздер и државниот секретар при министерството за туризам и млади на Република Србија Урош Кандиќ.
Панелистите во своите излагања ја потенцираа успешноста на 2023 година од туристички аспект и потребата за уште поголем фокус на втората половина од годината за задржување на растот и овозможување на подобар старт во следната година. Предвидувањата според присутните се дека ќе бидеме соочени со голем број предизвици на регионално ниво предизвикани од нестабилната економска состојба во Европа.
Јаневски посочи дека за растот на туризмот потребно е релевантните институции на државно ниво да имаат поголем фокус на туристичката индустрија овозможувајќи поголеми буџети и вмрежување во регионот, бидејќи за далечните дестинации Балканот како регион е една туристичка дестинација.
„Вложувањето во човечките ресурси во туристичката индустрија, брендирањето на дестинацијата и нејзината одржливост е од круцијално значење и растот на дестинациите ќе зависи токму од флуктуацијата на стручните луѓе во индустријата и генерално перцепцијата на дестинацијата на странските пазари. Пред нас следи долго патување кое сме го започнале, а резултатите се веќе видливи и несомнено треба да се продолжи со дигитализацијата и применување на новите светски практики во туристичката индустрија, истакна Јаневски.
Дума.мк