Ковачевски – Вучиќ: Пријателството и партнерството меѓу Македонија и Србија се продлабочува
Премиерот Димитар Ковачевски, денеска е во официјална посета на Република Србија.
На средба со претседателот Александар Вучиќ, се потврди долгогодишното партнерство и пријателство меѓу Република Северна Македонија и Република Србија кое се отсликува преку постојаната взаемна поддршка за клучни прашања и предизвици кои ги засегаат двете земји.
Билатералните односи меѓу двете земји се карактеризираат со динамичен политички дијалог на високо ниво, економска соработка и трговска размена.
На средбата беше разговарано за регионалните иницијативи кои се можност за перспективи и уште поголемо унапредување на меѓусебната соработка. Целта на Отворен Балкан и Берлинскиот процес е регионален развој и побрза интеграција на единствениот европски пазар и во Европската Унија.
Премиерот Ковачевски и претседателот Вучиќ разменија мислења за политиката на проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан и за динамиката на пристапните преговори на Северна Македонија и Србија. Во таа насока беа потенцирани реформските процеси во повеќе клучни области, градење на институционални капацитети како и развојните стратегии кои ги спроведуваат владите на двете земји.
На средбата беа разменети и информации за делувањето на двете држави во рамки на Западен Балкан, во контекст на економската, демократска и безбедносната ситуација во регионот и Европа.
На средбата беа присутни и министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски, за економија Крешник Бектеши, за транспорт и врски Благој Бочварски како и заменик министерот за информатичко општество и јавна администрација Александар Бајдевски.
Дума.мк