КОВИД-анализа на проф.Трајковски: Кавадарци со високата стапка на вакцинација ја намали смртноста од Ковид 19
Пред неколку дена од МЗ беше објавена една табела чија цел беше да ја прикаже врската помеѓу опфатот со вакцинација и смртноста. За да имаат некаква смисла броевите, ја проширив табелата со броевите на жители на општините и морталитетот по општини во летниот бран, пресметан на 100.000 жители, пишува во својата анализа проф. Дејан Трајковски.
-МЗ дава податоци само за екстремно многу и екстремно малку вакцинираните општини, но сепак на дијаграмот се забележува силната негативна корелација, односно колку поголем опфат со вакцинација – толку помал морталитет.
Коефициентот на корелација изнесува -0,83, што укажува на многу силна врска меѓу морталитетот и вакцинираноста. Коефициентот на правец на регресионата права изнесува -1,34 што значи дека секој процентен поен поголем опфат со вакцинација го намалил морталитетот за просечно 1,34 починати на 100.000 жители во досегашниот летен бран.
Кавадарци, со 61% опфат со вакцинација, е најголемиот добитник, односно со толкав опфат тие практично го сопреле умирањето од ковид-19 во летниот бран. Таму практично ја достигнале британската стапка на морталитет. Најголемиот губитник е Гостивар, каде морталитетот е цели 30 пати поголем отколку во Кавадарци. Резултатот воопшто не е изненадувачки, затоа што Гостивар има најниска, а Кавадарци највисока стапка на вакцинираност (29,6% наспроти 61%).Изненадува Струмица, каде и покрај релативно малиот опфат со вакцинација, морталитетот 3 пати понизок отколку во Гостивар. Јасно е дека изложеноста на вирусот таму била помала, односно немало толку многу свадби.
Така барем вели математиката, инаку оваа пресметка не претставува никаква агитација за вакцинирање. Нормално, секој со својата памет самиот ќе извлекува заклучоци и ќе одлучува за себе, пишува Трајковски.