Кривична пријава за измама преку Инстаграм: Лажно нудење „сигурни спортски типови“ однесе 2.156 евра

Објавено на 12 јуни, 2025 во 15:18

Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против едно лице поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „Измама преку компјутерски систем“, казниво по член 251-б став 1, а во врска со член 45 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.

Според информациите од МВР, пријавениот во текот на месец февруари креирал лажен профил на социјалната мрежа Инстаграм, со цел да се претстави како лице кое поседува „сигурни спортски типови со загарантирана добивка“. Преку овој профил тој стапил во контакт со оштетено лице и со употреба на лажни факти и фалсификувани документи ја стекнал неговата доверба.

Во лажната комуникација, осомничениот тврдeл дека оштетениот ќе добие исплата од 20.157 евра преку банка, доколку претходно инвестира одредена сума. Уверен во ветената добивка, измамениот граѓанин извршил уплати во три наврати преку финансиски сервис, во вкупен износ од 2.156 евра.

МВР информира дека овие парични средства биле подигнати од страна на пријавениот, кој сега се соочува со кривична одговорност за противправно стекнување имотна корист.

Од Министерството повторно апелираат до граѓаните да бидат крајно внимателни при онлајн комуникација со непознати лица, особено кога станува збор за парични вложувања и ветувања за брза и сигурна добивка.

Истражните органи преземаат натамошни мерки за расветлување на случајот и можно поврзување со други слични измами.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.