Љупчо Палевски уапсен во Турција – Спасовски очекува брза екстрадиција
Љупчо Палевски – Палчо вчера е уапсен во градот Беликесир во Турција. Тој е првоосомничен за убиствата на 14 – годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес.
„Колегите од Турција не известија дека креаторот, планерот, главниот координатор и директниот извршител на овие кривични дела е фатен и лишен од слобода на нивна територија, идентично со нашите оперативни сознанија на патеката на движењето на осомничениот“, соопшти министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Тој очекува дека постапката за екстрадиција на осомничениот ќе се одвива брзо.
Првата дестинација на која се упатува првоосомничениот Љупчо Палевски – Палчо на 30 ноември е во соседна Србија, во Белград. До таму го вози неговиот адвокат Васко Стојков, на кој Палевски му рекол дека му треба превоз бидејќи нема автомобил, а има закажан здравствен преглед.
Палевски се сместува во хотел во Белград. Од таму заедно со друго лице (скопјанец), на 2 декември заминува во Бугарија преку граничниот премин Калотина. Заедно ја поминуваат и бугарско – турската граница Капитан Андреево. Во Турција престојувал во градот Беликесир. Со такси тргнал кон Истанбул, но се вратил назад. Според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, Палевски го симулирал заминувањето кон Истанбул. Беликесир е неговата последна дестинација од каде што е и приведен од турската полиција додека сам се движел пеш по автопат.
Претходно, во текот на вчерашниот ден Основното јавно обвинителство информираше дека е уапсен уште еден 46-годишен скопјанец кој се сомничи дека му помогнал на првообвинетиот Палевски од Белград, преку Бугарија да стигне во Беликесир, Турција.
Спасовски на прес конференција, доцна вчера вечер, рече дека е изготвена кривична пријава која е испишана на повеќе од 100 страници и е предадена во Основното јавно обвинителство. Во неа се опфатени кривичните дела грабнување и убиство, грабнување и соизвршителство при убиство и помагање при грабнување.
„Од овој момент натаму предметот е во целосна надлежност на Основното јавното обвинителство“, рече Спасовски.
Тој додаде и дека се пронајдени два пиштоли кои дополнително ќе се вештачат за да се утврди дали со нив се извршени убиствата.
Освен оружјето, пронајден е мобилниот телефон на малолетната Вања Ѓорчевска.
Кривичната пријава се однесува на Љупчо Палевски-Палчо и тројцата приведени. Според Спасовски, во пријавата засега сè уште не е вклучен таткото на убиената Вања Ѓорчевска.
Основното јавно обвинителство пак, информираше дека е отворена истражна постапка против пет лица од кои четворица како соизвршители на кривичните дела грабнување и убиства на свиреп начин. Петтиот осомничен им помогнал при извршување на кривичното дело грабнување на малолетно лице. Обвинителството денеска побара, а судот вечерва одобри дополнително продолжување на мерката притвор од 30 дена за четирите лица кои се приведени, вклучувајќи го и таткото на Вања Ѓорчевска.
Обвинителството денеска побара, а судот вечерва одобри дополнително продолжување на мерката притвор од 30 дена за четирите лица кои се приведени, вклучувајќи го и таткото на Вања Ѓорчевска.
Дума.мк
Извор: ИРЛ