Протест пред Основен суд Скопје во пресрет на судењето на Савевски и Куновски
Точно пред 12 дена беше одложено судењето на двајцата демонстранти членови на Левица Здравко Савески и Владимир Куновски, пишува Фактор.
За денес е закажано повторно судење кое се пролонгира веќе неколку пати.
Во пресрет на судењето шарените револуционери закажаа протестна прес конференција која ќе биде наменета за како што велат нивните соборци Здравко Савески и Владимир Куновски.
Шарената револуција бара слобода за демонстрантите и оние кои се борат за правда, додека криминалците се шетаат и извршуваат јавни функции.
Членовите на ЛЕВИЦА инаку се товарат за учество во толпа што ќе стори кривично дело поради демолирањето на Народната канцеларијата на претседателот во центарот на градот.
Сепак и двајцата порачуваат дека нема да се предадат лесно.
Куновски вели дека не е изненаден од брзината и динамиката со која се води постапката против него и Савески бидејќи имал сознанија за тоа како функционира “Бермудскиот триаголник” МВРО- ОЈО- Суд , каде според него секојдневно исчезнува правдата.
“Стравот кој постои кај владеачките гарнитури од #Протестирам и од партијата која произлезе од тоа движење, Левица е огромен. Ова е само начин да ги уплашат протестантите, но има контра ефект. Чувството е како во делото “Процес“ на Кафка, кое неможев да го сфатам во целост како средношколец, a сега го доживеав во вистинскиот живот. Но ако е тоа цената која треба да ја платам за да се сруши овој режим, спремен сум да ја платам”-дециден е Куновски.
За себе вели дека е само обичен граѓанин,сопруг и татко на две малолетни деца, чесен и морално одговорен граѓанин кој досега никогаш не бил осудуван, ниту пак направил кривично дело. Горд е што секогаш сам се борел низ животот. Ниту барал работа од некого, ниту одработува за некого. Вели од 1999 година работи во семејни фирми, со искуство во градежниот сектор и хотелиерството. На партијата Левица и се приклучил од самиот почеток и е активен член во изготвувањето на дел од изборната програма, бидејќи како што вели е длабоко засегнат од актуелните случувања.
Преку антивладините протести кои траат неколку недели смета дека е испратена порака дека нема отстапување од барањата, се додека политичарите осомничени за криминал не седнат на обвинителна клупа.
Според полицискиот извештај Савески одговара дека за време на протестот кога беше демолирана канцеларијата запалил фотографија од претседателот Ѓорѓе Иванов и фрлал со предмет кон Народната Канцеларија, а Куновски кривичното дело го извршил на тој начин што, преку искршениот прозор исфрлал неколку столчиња надвор од канцеларијата.
Извор: Фактор
