Охриѓани конечно ќе може да гледаат кино проекции во висока резолуција!
Во следните две недели во Центарот за култура „Григор Прличев“ треба да биде инсталиран дигитален проектор, кој е еден од 15 наменети за кино салите во 14 центри за културата и еден за Филмскиот фонд на Македонија. Покрај во Охрид засега вакви кинопроектори ќе бидат поставени и во Куманово, Струга, Кочани, Делчево, Неготино, Крива Паланка и Гостивар, објави www.lihnid.com.
Дигиталните проектори се дел од проектот за обнова на опремата за прикажување филмови во 14 центри на културата во Македонија.
Проекторите се од познатиот американски производител „Кристи“. Заедно со нив ќе бидат поставени и блуреј-плеери, кои ќе овозможат прикажување на новите филмови во висока резолуција.
„Преку овој мошне значаен проект, македонските филмски продуценти ќе имаат можност да реализираат уште пообемна дистрибуција на филмовите низ земјата, а со тоа филмовите од најновата продукција ќе бидат достапни за сите граѓани. Наша основна заложба беше преку овој проект да ја збогатиме културната понуда во сите градови од нашата држава, граѓаните да имаат можност да ја уживаат кинокултурата, да ги видат најновите светски филмски остварувања, да се запознаат со актуелното македонско и светско филмско творештво.“ рече министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.