Младинскиот совет и ФОН Универзитетот со трибини во Струмица!
Серија трибини, во Струмица, организира Младинскиот совет и ФОН Универзитетот. Во понеделник, 26 ноември, со почеток во 19:00 часот во Домот на АРМ ќе се дебатира за „Актуелните состојби во македонското новинарство“. Дебатата ќе ја водат Насер Селмани, претседател на ЗНМ, Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ, Филјана Кока, член на УО на ЗНМ и Ристо Тасев, регионален координатор на ЗНМ за струмичкиот регион. На трибината ќе се зборува за актуелните состојби и проблеми со кои се соочуваат новинарите, декриминализацијата на клеветата и навредата, саморегулацијата, новитезаконски решенија во регулирање на медиумите и улогата на новинарската фела во градењето на демократијата и цивилното општество, објави www.jugoinfo.mk
Организаторите, серијата трибини, ја започнаа со темата „Електронска трговија и партиципативно учество на граѓаните во локалната единица“ кога со присутните граѓани разговараа професорите на ФОН универзитетот, проф.д-р Игор Камбовски, специјалист од областа на електронската трговија и електронските договори и проф. д-р Александра Србиновска-Дончевски, специјалист од областа на локалната самоуправа.
Професорот Камбовски истакна дека темата за електронска тргоција е интересна од повеќе аспекти.
„Таа е интересна од правен, социолошки, економски и етички аспект, па дури и од информатички аспект, бидејќи е мултудисциплинарна. Електронската трговија кај нас речиси ја нема и токму во таа насока правиме напори за нејзина популаризација и кревање на нивото на свеста на граѓаните за тоа што е електронската трговија, да не се плашат да тргуваат на интернет, кои се опасностите кои произлегуваат од неа, заштитата на личните податоци, безбедноста и сигурноста на банкарските сметки. Сето тоа е тема на дебатата и со прашања од граѓаните да ги разјасниме сите аспекти од кои граѓаните се плашат, бидејќи таа е се уште табу тема,“ рече меѓу другото професорот Камбовски.
Професорката Србиновска-Дончевски истакна дека учеството на граѓаните во работата и одлучувањето во единиците на локалната самоуправа е особено актуелно пред одржувањето на локалните избори,во март идната година.
„Постои вакум меѓу власта и граѓаните и затоа преку вакви дебати може да да се надмине оваа состојба. Целта на моето излагање е да подискутираме околу законските норми во Република Македонија за можноста граѓаните да учествуваат непосредно и колку граѓаните знаат да ги искористат законските можности и дали постои расчекор меѓу нормативното и реалното во областа на локалната самоуправа,“ рече професорката Александра Србиновска-Дончевски.
На трибината, на која најбројни беа младите, беа поставени интересни прашања подеднакво од двете области.