Охридското блато нова туристичка атракција!

Објавено на 25 ноември, 2012 во 11:25

Со јавен настан на отворено, директно пред почетокот на Студенчишкото блато отпочна спроведувањето на проектот за заштита, со цел од Проектот да се заштити биодиверзитетот на езерата во Дримскиот базен,  објави www.lihnid.com.

Овој е идеја на Билатералниот Секретаријат за сливот на Охридско Езеро откако беше утврдена потребата за заштита како природен филтер на езерото во кое живеат ендемски видови.

„Овој проект предвидува инфраструктурно уредување во блатото што би значело враќање на природната врска со езерото, заради комуникацијата со живиот свет, поточно изградба на инфраструктурни патеки внатре во самото блато. Тие би биле посебно важни за туристите и научниците. Ќе има и неколку набљудувачници од каде ќе може да се набљудува живиот свет. Претходно треба да се донесе одлука со која локалитетот ќе се прогласи за строго заштитено природно подрачје. На овој начин се обидуваме на блатото да му дадеме еко туристичка димензија која ќе биде составен дел на туристичката понуда на Охрид“, рече Дејан Паноски, преставник на Билатералниот Секретаријат.

Со проектот ќе треба да се утврдат границите за строга заштита на срцето на блатото, да се ревоспостави врска со езерото , да се изгради инфраструктура за посета и локалитетот да влезе во туристичката понуда на Охрид. Ова ќе биде опфатено во активна јавна кампања за подигање на свеста на граѓаните. Проектните активности ќе опфатат ангажмани и на локалната самоуправа и на стручните институции и на граѓанскиот сектор. Крајната цел е Студенчишкото блато да биде дел од туристичкиот потенцијал на Охридскиот регион што воедно ќе обезбеди и негова одржливост и заштита.

„ Посебно знбачајно е што се користат светски искуства со кои ќе се подигнува јавната свест за важноста на еколошките прашања и за глобалните еколошки прашања, за климатските промени, за биодиверзитетот и воопшто заштитата на живтната средина. Во светот има области со помала биолошка разноликост, но и места со голема биолошка разноликост, места кои се нарекуваат жешки точки“, вели Ралф Певелинг кој е тим лидер на проектот за заштита и одржлива употреба на биодиверзитетот.

Д-р Трајче Талески од Хидробиолошкиот завод на Охрид вели дека од некогашните 40 хектари колку што порано изнесувала вкупната површина на блатото денеска локалитетот се простира на само 20 хектари. Тоа е последица на урбанизацијата и негрижата на граѓаните кои токму овој локалитет го претворија во депонија за градежен шут. Студенчишкото блато како составен дел на Охридското езеро некогаш преставуваше најважно место за мрестење на крапот.

„Бројот на водни птици во блатото варира од година во година. Во осумдесеттите години од пребројувањето е утврдено дека во блатото се присутни 50.000 единки, за потоа тој број да се намали и достигне само 25.000. Блатото стана и времена депонија за комунален отпад. Ревитализацијата на блатото ќе придонесе во заштита на останатите зачувани видови во него, а ќе влијае и на зголемување на рибниот фонд во Охридското езеро.“ рече Талески.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.