Стрезовски: Го покажавме своето вистинско лице, до каде се наоѓаме со женскиот ракомет!
Ракометната репрезентација на Македонија претрпе уште еден убедлив пораз на Европското Првенство што се одржува во Србија.
Иако против себе имаа значително подмладен состав на скандинавската селекција, тие не успеаја да најдат лек за одбраната на Швеѓанките, па на крајот беа поразени со убедливи 11 гола разлика.
Доколку за неуспехот со Франција можеше да се каже дека е целосно очекуван, тогаш избраничките на селекторот Гино Стрезовски целосно потфрлија во дуелот со Шведска (15-26), за кој што најавуваа дека е нивна шанса за пласман во следната рунда.
Како главен проблем на „црвено-жолтите“ на овој шампионат се манифестира очајната игра во нападот, со оглед на фактот дека на првите две средби беше постигнат вкупно 31 погодок.
„Пред се, честитки до селекцијата на Шведска за добрата игра и убедливата победа. Овој меч го одигравме во две различни лица, во првиот дел бевме достоен ривал, но во продолжението го покажавме своето вистинско лице, до каде се наоѓаме со женскиот ракомет. Нападот воопшто не функционираше, одбраната исто така не беше на потребното ниво, па јасно е дека и самиот пласман на ЕП е успех за нашата селекција. Би било некоректно да кажам дека сум незадоволен, нашите девојки го оставија срцето на терен, но за жал тоа не беше доволно. Нападот беше она што функционираше добро и во квалификациите и во подготвителниот период. Ние стравувавме од играта во одбрана, но тоа функционира сосема солидно, додека во нападот се мачиме да го најдеме патот до противничкиот гол. Тоа дефинитивно е проблем “ – изјави Стрезовски.
За Македонија, пресуден ќе остане саботниот натпревар со Данска, но јасно е дека доколку играат како со Шведска, нашите ракометарки нема да има на што да се надеваат, па експресно ќе си ги спакуваат куферите и наместо во Белград, ќе се вратат назад во Скопје.