Започнува традиционалниот карневал во Вевчани!
На карневалот секоја година во пресрет на Стара Нова година и празникот Василица се собираат стотици маскирани лица.
Официјално почетокот на карневалот е закажан за утре напладне Карневалското дефиле се случува на вевчанските улици, кои стануваат сцени за парада на маски со кои се илустрира инвентивноста и досетливоста на тие што ги носат. Покрај традиционалните маски на Невеста и Зет, Глупав Август, Музичари и Ѓаволи, останатите се по избор на карневалските групи кои секојдневниот и социјалниот живот го исмеваат и преку своите костуми и гестикулацијата.
Специфика на карневалот е што тој не се режира, туку се се одвива импровизирано и спонтано. Има непрекинат континуитет што го прави единствен – стар е над 1400 години, колку и селото Вавчани и е интересна комбинација на паганство и модернизам. Главни особини му се архаизмот, тајноста и импровизацијата и по својата автентичност се разликува од сите други карневали во светот. Од 1993 година Вевчани е член на Федерација на европски карневалски градови.
Карневалот завршува на зајдисонце на Василица, 14 јануари, со церемонијално палење на маските. Фрлањето на маските во огнот го симболизира уништувањето на злото, прочистување од лоши духови и влегување со чиста душа во новата година која на тој датум почнувала според стариот календар.
