ЕК : Останува препораката за преговори на Македонија!
Македонија ги исполнува сите критериуми и Европската комисија останува на својата препорака и барање од Европскиот совет да и додели датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ, објави Дојче веле.
Ова денеска го потврди портпаролот на Комисијата, Петер Стано, на прашањето на дописникот на МИА од Брисел дали случувањата со опозицијата во Македонија може да влијаат земјата да ја загуби препораката.
„Препораката на Европската комисија да и се додели датум за почеток на преговорите за членство на поранешната југословенска Република Македонија во Европската унија останува. Земјите членки на ЕУ во заклучоците на декемврискиот Европски совет јасно поставија јасен распоред и какви чекори се очекуваат од ПЈР Македонија, односно што да се стори за земјата да добие поволен извештај“, потенцира гласноговорникот на ЕК.
Во врска со тоа кога точно Комисијата ќе го објави пролетниот извештај за Македонија, од кој ќе зависи дали на јунскиот Самит на Советот ќе добие почеток на пристапните преговори, портпаролот Стано вели дека се уште нема прецизен датум, но дека тоа би било напролет.
Високи извори на ЕУ кои инсистираат на анонимност, за МИА потврдуваат дека извештајот на Комисијата ќе биде комплетиран некаде по завршувањето на локалните избори што во Македонија ќе се одржат на 24 март, годинава. Крајот на месец април и почетокот на мај се очекува да биде периодот кога оценката на ЕК за Македонија ќе биде дадена. Истите извори потврдуваат дека развојот на политичката ситуација во земјата ќе влијае на извештајот и на препораката.
