Њујорк:Нова рунда преговори за името!

Објавено на 29 јануари, 2013 во 08:36

 

Посредникот на Обединетите нации во спорот за името, амбасадорот Метју Нимиц, денеска и утре во Њујорк ќе одржи нова рунда разговори со претставниците на Македонија и на Грција, Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис.

 

Како што соопшти службата за информирање на ОН, Нимиц ќе има одделни разговори со Јолевски и со Василакис, а потоа и заедничка средба.

Повикот за продолжување на разговорите следува после неполн месец по посетата на Нимиц на Македонија и на Грција.

Тој тогаш истакна дека е охрабрен од разговорите во Скопје и Атина и најави дека ќе ја забрза динамиката на преговори во Њујорк. Со двајцата преговарачи, Јолевски и Василакис, посочи, ќе работи на разработка на идеите кои се конструктивни и обмислени и се надева оти ќе има напредок.

„Зборувавме за специфичности, за разновидни можности, а не само општо. Изнесов некои идеи и добив одредени реакции. Имам чувство дека постои зголемен интерес и сериозно внимание во однос на можностите за постигнување решение“, изјави Нимиц по посетите на Атина и на Скопје, без да прецизира за какви идеи станало збор.

Во меѓувреме, еврокомесарот за проширување Штефан Филе, предложи трилатерална средба со шефовите на дипломатиите  на двете земји, Никола Попоски и Димитрис Аврамопулос, со цел Европската комисија да има директен увид во процесот на преговорите за името и да се надградат заклучоците за Македонија од декемврискиот Совет на ЕУ.

Македонската страна го прифати предлогот оценувајќи го како позитивен и добредојден, и како можност за дополнително градење доверба меѓу двете земји.

Грција, пак, го одби со став дека во оваа фаза нема потреба од трилатерална средба, со образложение дека најпрвин треба да се види што ќе произлезе од состанокот на претставниците на двете земји со медијаторот Нимиц што треба да се одржи денеска и утре во Њујорк.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.