Воен брод заплови низ Охридско езеро!
„Патролниот брод на АРМ во иднина ќе се користи и за комерцијални и туристички цели“, најави министерот за одбрана Талат Џафери, кој во Охрид присуствуваше на пуштањето во употреба на бродот по неколку годишна пауза, откако претходно се користеше за контрола на државната граница со Албанија.
Бродот кој е еден од двата што АРМ ги наследи од поранешната ЈНА, ќе се користи и за потребите на припадниците на македонската армија, објави Лихнид.ком
Со посебни барања и процедури бродот ќе може да се користи и за комерцијална употреба, за прошетка на сите делегации кои ќе бидат во посета на Република Македонија, а за тоа ќе следува и одреден надоместок.
Не се исклучува можноста бродот во иднина може да се користи и за евентуални заеднички патроли и со соседна Албанија.
„Овој брод ќе се користи првенствено за обука на припадниците на АРМ, како и за поддршка на граничната полиција. За употреба на бродот во комерцијални цели потребно е да ги разгледаме можностите со охридската капетанија“-рече началникот на Генералштабот на АРМ, Горанчо Котески.
