ВМРО ДПМНЕ И ДУИ му „стокмија“ заменици на Иџет Мемети

Објавено на 22 јули, 2013 во 09:34

Народниот правобранител Иџет Мемети им ја откажа довербата на речиси сите негови досегашни заменици и на нивно место предлага нови луѓе, од кои, само еден имал допирни точки со институцијата Народен правобранител.

На денешната седница на Собранието на Република Македонија ќе се најде предлогот на Правобранителот Мемети за избор на негови заменици кои ќе работат во канцеларијата во Скопје и во одделенијата или регионалните канцеларии на правобранителот во Тетово, Кичево, Битола, Куманово, Штип и Струмица.

За Народен правобранител во Штип, Иџет Мемети ја предлага Елена Ѓоргоноска Маневска соработник во обвинителството, Насер Весељи досегашен заменик и натаму ќе ја води канцеларијата во Куманово, Ирина Стојановска, соработник во тетовскиот суд е предлог за нов правобранител за Тетово. Нов предлог за правобранител во Битола е Васил Стојановски, кој работел во повеќе претпријатија, адвокатот Славчо Тимов е предлог за нов правобранител во Струмица, Васка Бајрамовска Мустафа е предложена за канцеларијата во Скопје и ако биде избрана треба да работи во делот задолжен за правата на децата. Прелог за Кичево е Даут Селими, досегашен заменик за ова подрачје.

На листата ги нема досегашните заменици на Мемети кои ги водеа канцелариите низ Републикава. Рајна Пановска досега беше правобранител за регионот на Штип, Славјанка Михаиловиќ за Струмица, Марина Обадиќ за Тетово и Лилјана Илиевска во Битола.

Според достапните податоци, Ѓоргоноска-Маневска, предлог за Штип е Влаинка, а Бајрамовска –Мустафа, Ромка. Останатите кандидати се Македонци и Албанци.

Извори од канцеларијата на Иџет Мемети за „Дума“ потврдуваат дека правобранителот е само формален предлагач, а имињата претходно се усогласени помеѓу владејачките партии ВМРО ДПМНЕ и ДУИ. ДУИ ги задржа своите кадри кои од 2005 година ја извршуваат функцијата во Кичево и Куманово, додека ВМРО ДПМНЕ дала предлог за Штип, Струмица, Битола и Тетово.

Досегашната правобранителка во Битола, Лилјана Илиевска и покрај досегашните позитивни оценки и инсистирањето на Мемети да добие уште еден мандат, отпаднала од листата затоа што и е сестра на пратеничката на СДСМ, Весна Бендевска.

Единствен предлог на Мемети, за заменик во Скопје била Васка Бајрамоска Мустафа, која работела на проект кај правобранителот и покажала успешни резултати,  со што ќе биде и прва жена Ром на висока позиција во правосудниот систем.

Замениците на Народниот правобранител се избираат со мандат од 9 години.

Саше Димовски

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.