МОФ ги предаде собраните потписи за пробно екстерно
Петицијата на МОФ поддржана од над 25 илјади граѓани од 17 градови во Македонија, денеска, беше предадена во Министерството за образование и наука, заедно со анализа за овогодинешното и препораки за идната имплементацијата на екстерното тестирање. Со неа се бара овогодинешното екстерно тестирање да се прогласи за пробно.
Со оваа петиција, МОФ и граѓаните, ги испорачаа своите барања до институциите за почитување и застапување на ставот на граѓаните кои побараа ова тестирање да се прогласи за пробно, да се заложат во периодот кој следи да се направи сериозна анализа на ефектите, пропустите и придобивките од екстерното тестиарање, да повикаат на отворање на јавна дебата со засегнатите страни за да се унапреди екстерното тестирање за следните години, да се заштитат учениците кои оваа година го полагаа тестирањето од штетите од прекршените рокови, техничките, програмските и законските пропусти и недоследности со прогласување на ова екстерно тестирање за пилот и наместо да се бараат ад хок решенија за проблемите кои се појавуваат, кон истите да се пристапи со намера за трајно решавање.
– Имајќи во предвид дека Министерството за образование ги потврди пропустите во техничкото спроведување и во дел од проецедурите на екстерното оценување годинава, а воедно и најави дека ниту еден ученик нема да биде оштетен, повеќе од корисно за образовниот процес ќе биде доколку тестирањето оваа година се прогласи за пробно, рекоа од МОФ.
Од таму соопштија дека во текот на минатите недели, до Државниот управен инспекторат и Државниот просветен инспекторат поднеле претставки поради непочитување на законски предвидениот рок од 7 дена за објавување на листите со предмети за полагање и неговото скратување на 4 дена и заради непочитување на предвидениот рок за поднесување приговори по однос на објавените резултати во износ од 3 дена и негово кратење на 2 дена.
– Сé уште чекаме соодветена постапка и одговор од институциите, рекоа од МОФ.
Исто така соопштија дека екстерното тестирање кое се спроведе оваа година имаше несоодветно поставени цели во споредба со земјите каде се практикува вакво тестирање, се спроведе со прекршување на роковите во законската рамка или недоследности во истата, нефер критериуми и основи според кои учениците можат да поднесат приговор и други недоследности.
На техничко ниво, тестирањето беше проследено со проблеми со системот, прашања кои не се отвораат, цели паралелки кои добиваат недоволни оцени по еден предмет, прашања со повеќе или ниеден точен одговор, па дури и пробиени тестови.
