ОМ: Пресудата за Кежаровски е злоупотреба на судскиот систем од Фамилијата
По повод пресудата и изречената затворска казна на новинарот Томислав Кежаровски реагира паријата Обединети за Македонија. Во соопштението за јавност партијата напиша:
„Ние од Обединети за Македонија не сме ниту згрозени, ниту изненадени од високата пресуда за новинарот Кежаровски. Од еден режим каков што е овој, ништо друго и не може да се очекува. Оваа пресуда е само уште една во, се’ подолгата, низа на злоупотреби на судскиот систем за приватните потреби на Фамилијата.
Впрочем, ние од Обединети за Македонија тоа најдобро го знаеме, нашиот претседател, господинот Љубе Бошкоски, веќе трета година е во затвор, а единствен грев му е спортивставувањето на политиките на Фамилијата на власт.
Оваа власт за секого од нас има по еден „заштитен“ сведок. Ние сочувствуваме со маките на семејството Кежаровски. Со големо жалење констатираме дека тоа не е ниту првото, а нема да биде ниту последно уништено семејство од страна на Фамилијата.
Случајот Кежаровски, по којзнае кој пат, го потврдува фактот дека во Македонија правда и правна држава нема, и ние воопшто не веруваме во институционална разрешница на овој, или на било кој друг политички мотивиран случај. Сите сме Кежаровски, сите може да завршиме како Кежаровски!“, напишаа од партијата Обединети за Македонија.
