ЗНМ реагира на односот на полицијата кон новинарите

Објавено на 1 септември, 2014 во 07:37

Здружението на новинарите на Македонија е сериозно загрижено што зачестуваат инцидентите кога припадници на полицијата ги попречуваат новинарите во извршувањето на нивната професија.
Таков инцидент се случи на 25 август кога полицаец принудно му го прегледал мобилниот телефон на новинарот на Нова ТВ, Дехран Муратов, додека го следел протестот на отпуштените работници од Царинската управа, се вели во реакција на ЗНМ.

„ЗНМ смета дека ваквата постапка на полицијата е обид за цензура, со кое се гази слободата на медиумите загарантирано со македонскиот устав.
Ова не е прв инцидент во кој полицијата ја попречува работата на новинарите, а раководството на МВР не успева да ги открие и санкционира ваквите незаконски постапки, со објаснување дека нема докази или дека не може да се утврдат наводите од новинарските поплаки.
Повторувањето на вакви слични настани и неказнување на сторителите создава впечаток во јавноста дека тие не се изолирани инциденти поради нестручност на полициските службеници, туку дека станува збор за оркестрирана акција за вршење притисок врз новинарите.
Македонската јавност треба да знае врз основа на кој закон полицијата им брише снимки и слики на новинарите и им ги прегледува нивните мобилни телефони?
Ја повикуваме министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоскa да покаже политичка волја и лично да се заложи да се идентификуваат и казнуваат припадниците на МВР, кои во изминатиот период на новинарите неовластено им бришеа снимки и фотографии. 
Апелираме медиуми да им обезбедат легитимации на новинарите кога ги упатуваат на работна задача, а новинарите треба да знаат дека никој не смее да им одземе предмети без наредба од суд.„

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.