Турците се враќаат во Македонија
Во изминативе неколку години Турците се најбројни доселеници во Македонија,јави Радио Канал 77.
Според податоците на Државниот завод за статистика во 2012 година во земјава се доселиле 917 граѓани на Турција што ја прави земја со најголем удел во вкупниот број доселеници(3.787). Слична е состојбата и во 2013 година, кога во нашата држава се доселиле 985 граѓани на Турција, од кои поголемиот дел се регистрирани во Македонија како странци со продолжен престој.
Македонија и Турција имаат долговековна заедничка историја која датира од времето на турската империја, а во земјава според бројките од пописот од 2002 година веќе живеат околу 80.000 граѓани кои се изјасниле како етнички Турци.
Освен миграциските движења, во земјава во изминатиов период има и засилена инвестициска активност од страна на турски компании. Тука е „ТАВ“, компанија што ги има под концесија двата македонски аеродроми, „Халкбанк“, која станува сериозен играч на банкарскиот пазар во Македонија, „Џеваир холдинг“, која во Скопје ги гради највисоките кули на Балканот, „Рамстор“ и многу други.
Доколку набргу се остварат и најавите за инвестициите на „Демпо Груп“, која треба да гради фабрика за амбалажа и фабрика за преработка на мермер, „Истем Медикал“, која веќе објави дека ќе гради фабрика за медицинска опрема вредна , „Мач Груп“, која треба да гради фабрика за за прехранбени производи извесно е дека Турција го зајакнува економското присуство во Македонија, како и дека бројот на турски доселеници во наредниот период ќе се зголемува.
