Кривични пријави за уапсените цариници
Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје, во соработка со Одделението за внатрешни истраги при Секторот за професионална одговорност во Царинската управа, на надлежното Основно јавно обвинителство ги предала С.Р.(38), Д.С.(33), Ј.М.(35) и З.К.(45) со кривични пријави за злоупотреба на службена положба и овластување. Кривична пријава за прикривање заработија и В.Р.(39) и С.М.(46). , со кривични пријави за прикривање. Сите беа уапсени влчера бидејќи „позајмувале“ од магацин за работи запленети од страна на Царинската управа, но и поради нивно користење.
Како што извести МВР, пријавените С.Р.(цариник), Д.С.(шеф на испостава Царинарница Скопје – Ц.И. Блаце), Ј.М.(виш цариник Царинарница Скопје Ц.И. Аеродром Скопје) и З.К. (самостоен советник за застапување пред судовите-Одделение за царинско – управна постапка), во текот на минатата и оваа година, ја злоупотребиле својата службена положба, и тоа во Царинска испостава „Аеродром“ Скопје од магацинот во кој се одлагала привремено задржаната стока, одземале мобилни телефони, парфеми, рачни часовници, патики, текстилна стока, техничка стока и златен накит, со што се стекнале со противправна имотна корист во износ од 1.527.000 денари и ја оштетиле Царинската управа на РМ.
Од друга страна, пријавените В.Р.(вработен во Агенција за вработување на град Скопје) и С.М.(вработен во мобилара „Мобил шоп“) дел од одземените предмети ги прикривале, иако знаеле дека истите потекнуваат од кривично дело.
По проверките на Одделението за внатрешни истраги при Царинската управа на магацинот на скопскиот аеродром било откриено дека недостига стока одземена поради различни прекршоци, а во некои случаи биле оставани копии на запленетата стока – како што било случај со кинески фалсификати на марки мобилни телефони наместо оригиналните.
Во акцијата се сослушани уште четири лица кои купиле мобилни телефони од продавница или преку интернет огласник, и иако не биле вклучени во криминалот, сепак останале без мобилните телефони што ги купиле.
