ЗНМ и ЗНС: Да се одобри азил за Зоран Божиновски
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Здружението на новинарите на Србија (ЗНС), бараат од Министерот за правда на Република Србија Никола Селаковиќ да одобри азил и да не дозволи испорачување на новинарот Зоран Божиновски во Македонија.
Во заедничкото соопштение за јавност на двете новинарски здруженија пишува дека како што ЗНС дознава, Зоран Божиновски синоќа е пуштен од екстрадициониот притвор со ограничена слобода на движење. Екстрадиционата постапка се уште трае, а барањето за азил се уште не му е одобрено.
„ЗНМ и ЗНС истакнуваат дека испорачувањето на Божиновски би било лоша порака за останатите новинари кои ги истражуваат врските на бизнисот, политиката и криминалот, и дека Република Србија со одлука за давање на политички азил на Зоран Божиновски ќе покаже дека го почитува правото на заштита на новинарската професија и слободата на истражувањето.
ЗНМ и ЗНС потсетуваат дека во последниот годишен извештај за Македонија, Европската комисија наведува дека во македонското судство е присутна селективна правда.
ЗНМ и ЗНС стравуваат дека Зоран Божиновски во Македонија нема да има фер судење и истакнуваат дека и Република Србија, со евентуална одлука за испорака себеси ќе се компромитира пред меѓународните демократски институции.
На 7 ноември 2013 година, Зоран Божиновски беше уапсен во Нови Сад со потерница од Интерпол со обвинение за злосторничко здружување, шпионажа и уцена според Кривичниот закон на Македонија и од тогаш се наоѓаше во екстрадиционен притвор,“ стои во соопштението на ЗНМ и ЗНС.
