Се чекаат вакцините против ковид, владата со задолженија за неколку институции
23.12.2020
Македонија покрај донацијата на вакцини против Коивд 19 од Бугарија ќе добие помош и од Грција и Полска.
Планот е земјата да набави вакцини преку системот Ковакс, преку земји-членки на ЕУ како Бугарија, Грција и Полска, но и преку директни договори со компаниите производители. Првите вакцини од Бугарија се очекува ќе пристигнат на почетокот на следната година, а од „Фајзер“ кон средина на 2021 година. Засега не се знае прецизно за колкав број на вакцини станува збор.
Министерот за здравство Венко Филипче вчер а склучиле договор со Бугарија, при што од секоја количина на вакцини што ќе ја добива земјата, одреден дел ќе добива и Македонија.
– Бугарија како донација ќе одели слободна количина на вакцини од секоја количина која таа ќе почне да ја добива во следниот период, соопшти.
Во однос на договорите со фирмите кои прават вакцини против ковид-19, Фајзер и АстраЗенека, министерот Филипче изјави дека иницијалните одговори биле дека директна количина на вакцини од Фајзер ќе се добие во втора половина на 2021 година, бидејќи Македонија е мал пазар, додека конечен одговор од АстраЗенека се уште нема.
На предлог на Министерството за здравство Владата вчера ја разгледа и усвои Информацијата за вакцинацијата против ковид-19 и ги задолжи Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), Царинската управа и Министерството за здравство во рок од 7 (седум) работни дена да изготват и достават до Министерството за здравство сопствени акциски планови (активност, надлежна внатрешна организациона единица, овластено лице/овластени лица, рокови) и стандардни оперативни процедури (СОП) за прием, физичко обезбедување, чување, дистрибуција и аплицирање на вакцините против ковид-19, согласно нивната надлежност и нивната улога во спроведувањето на Националниот план за вакцинација против ковид-19.
Владата, исто така, му препорачува на ТАВ Македонија ДООЕЛ Скопје во рок од 7 (седум) работни дена да изготви и достави до Министерството за здравство сопствен акциски план (активност, надлежна внатрешна организациона единица, овластено лице/овластени лица, рокови) и стандардни оперативни процедури (СОП) за прием, физичко обезбедување, чување, дистрибуција и аплицирање на вакцините против ковид-19.
Министерството за финансии и Бирото за јавни набавки, во соработка со Министерството за здравство, во рок од најдоцна 5 (пет) дена треба да изготват Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки со што ќе се овозможи плаќање на аванс поголем од 20% од цената и ослободување од обврската за обезбедување банкарска гаранција за авансно плаќање во постапките за јавни набавки директно поврзани со справувањето со епидемии и пандемии на заразни болести.
