Матурантите протестираат, бараат помалку предмети за државна матура
21.01.2021
Матурантите второто полугодие го започнуваат со бојкотирање, тие останаа на својот збор и не се вклучија во онлајн-наставата.
Организирани од Сојуз на средношколци бараат да полагаат два наместо четири предмети од државната матура. Но ставот на Министерството за образование и наука е спротивно и велат дека оваа година нема да има измени во бројот на испити, но ќе се полага по скратени програми.
Бојкот има во 20 града, онаму каде што нема како причина ја посочуваат неинформираноста на средношколците.
„Како и на средбата што ја имавме во декември, министерката рече дека тоа ќе се земе предвид за новата концепција за државна матура од идната учебна година и дека Државниот испитен центар нема време сега да ги намалува“, изјави претседателот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи.
Средношколски глас, пак, собира онлајн-потписи за неполагање на државната матура, но Ходаи вели дека Средношколски сојуз не е за целосно укинување на матурата.
„Со нив разговаравме во декември. Ние во јануари се консултиравме со сите средношколци и одлучивме дека е добро да бараме намалување на бројот на предметите, не целосно укинување. Нашиот став беше јасен дека не може да се укине државната матура“, изјави Ходаи.
Овој бојкот планираат да трае една недела, за следните чекори дополнително ќе одлучат дали ќе продолжат со протестирање.
Стефани Манева
#Средношколци #ДржавнаМатура #МОН #СојузНаСредношколци