Бектеши: Имаме идеја за развој на ски-центарот Попова Шапка
29.01.2021
За развивање на зимскиот спорт, министерот за економија, Крешник Бектеши, соопшти дека како Влада се заинтересирани за да определат средства за развој на ски-центарот Попова Шапка.
– Имаме развиени модели преку јавно приватно партнерство каде што Владата не учествува со средства, но дава придонес во делот на многу важни документи кои се предуслов за секаква инвестиција. Ние веќе сме ги завршиле за Попова Шапка што значи дека сега комисијата ќе одреди кој модел ќе го користиме, дали ќе биде потполна приватизација, дали ќе биде јавно приватно партнерство или, пак, ќе биде комбиниран модел. Имајќи во предвид дека во сопственост на ЕЛЕМ Турс се и хотелите, но истовремено и ски центарот, најверојатно ќе одиме со јавно приватно партнерство како модел што и во други држави давал соодветни резултати, рече Бектеши.
Согласно Стратегијата за развој на туризмот во Северна Македонија, прецизира, ќе формираме комисија каде што ќе бидат вклучени невладините организации, но и различни институции од Владата и од компаниите кои се како акционерски друштва 100 отсто во сопственост на Владата како што е случајот со ЕСМ.
– Веќе се доставени номинациите од соодветните институции и наскоро ќе почне да работи комисијата. Но, не е само тоа. Секако дека ние имаме можност, имаме средства и директно да инвестираме како Влада се со цел да ги подобриме условите и на таков начин да привлекуваме што повеќе туристи во овој многу важен ски центар не само за Северна Македонија туку и за целиот регион, посочи Бектеши.
Што се однесува до патната инфраструктура, потенцира, веќе е подобрена и тоа е директна инвестиција од Владата.
#СкиЦентар #ПоповаШапка #Развој #Влада #Македонија #Снег