Битиќи: Петтиот пакет економски мерки ќе биде околу 150 милиони евра
02.02.2021
Петтиот пакет економски мерки за поддршка на стопанството и граѓаните за справување со последиците од Ковид-19 ќе тежи помеѓу 50 и 60 милиони евра како директни буџетски импликации, но како фискални импликации ќе биде околу 150 милиони евра. Се очекува да биде финализиран неделава ако постигнеме консензус со сите засегнати страни, потврди денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
-Ќе има финансиска поддршка за платите исто како што беше и претходно затоа што и претходната помош не беше безусловна. И порано требаше да се исполнат одредени услови за помошта да стане неповратна истиот механизам го користиме и сега. Оваа недела ќе треба заеднички да решиме со сите засегнати страни која е најдобрата мерка имајќи во предвид дека полека заздравуваме и влегуваме во рестарт на економијата, изјави Битиќи.
Нагласи дека доделувањето на ваучери за граѓаните беше ад-хок мерка направена во период на криза и оти со неа беа опфатени речиси 700 илјади граѓани, но додаде дека во сетот на мерки кој сега се предвидува има мерка за отпис на каматите за заостанатите долгови кои ги имаат граѓаните кон јавните претпријатија на локално или на национално ниво што, како што рече, значи поголема директна помош за граѓаните. Во целиот пакет има повеќе од 20 мерки од кои ќе дојдат доволно средства до тие кои се најзагрозени.
-Доколку има потреба во наредните месеци ако е потребно ќе има нови мерки за граѓаните. Никој не е изоставен од мерките, бидејќи сите граѓани нас ни се битни како Влада и ќе бидат опфатени со различните мерки во различните пакети кои ги носиме. Како Влада знаеме дека се уште ќе се справуваме со Ковид-19 и затоа креиравме програми во ресорните министерства во кои во некои програми ги дополнивме со дополнителни финансиски средства за граѓаните, додаде Битиќи.
За финансиската помош од претходните пакети мерки рече дека до 31 декември според последните проценки од Буџетот се исплатени 350,4 милиони евра во кои не влегуваат финансиските средства кои се потрошени во јануари годинава и посочи дека иако се доставени пред повеќе од 2,5 месеци се уште не се донесени во Собранието трите законски решенија.
