Вчера се одржа протест марш: Јавна соба е кривично дело
04.02.2021
Над 500 граѓанки и граѓани под паролата „Јавна соба е кривично дело”, протестираа на вчерашниот марш организиран од Платформата за родова еднаквост, изразувајќи разочарување од системот и непостапувањето од страна на институциите за случајот „Јавна соба”, кој претставува кривично дело во кое безброј жени се жртви на родово базирано насилство.
Маршот започна пред Министерството за внатрешни работи со обраќање на Калиа Димитрова, која потенцираше дека вината за ваквите случаи, не смее да се лоцира во жртвите, а го осуди репресивниот систем на насилство, тивкото одобрување на сексуалната агресија, поттикнувањето на мизогинија преку игнорантност и непостапување.
„Одбивам да прифатам дека треба да изгледам, да се движам, да зборувам, се сликам на одреден начин, за институциите да постапат соодветно кога ќе бидам нападната. Одбивам да прифатам дека треба да ги правдам своите избори, за да не бидам оцрнета, навредувана и демонизирана од машката јавност, на која ниту едно сведоштво, ниту еден доказ, ниту едно понижување, не и се доволно вистинити ако доаѓаат од женска уста. Одбивам да прифатам дека треба да бидеме задоволни со овие трошки кои ни ги фрлаат и одбивам да се помирам со овие мизерни изговори за институции.” – нагласи Димитрова.
На ова се надоврза и Ана Колева, една од жртвите во овој случај, која јавно проговори за своето искуство и односот на институциите, и потенцираше дека е неопходна едукација и промени кои ќе ги заштитат жртвите.
„Мислам дека беше доволно молк, мислам дека е време да се освестиме сите. Мислам дека веќе е доста да молчиме и да дозволуваме да бидеме газени, да се криеме, да почекаме туѓиот срам да помине за ние да можеме да продолжиме со нормалниот живот. Ова нека биде почеток на големи промени коишто ќе се случуваат во ова општество. Нека се донесе закон, но и тој закон да се применува. Нека се едуцираат институциите, нека се едуцира секој човек како треба да се однесува за да имаме поубаво и посреќно општество и за нас и за идните генерации.” – рече Ана Колева.
Маршот заврши пред Основното јавно обвинителство каде се обратија Марта Гусар, адвокатка која што застапува жртви на семејно и родово базирано насилство, а и самата е жртва на „Јавна соба” и активистката Драгана Дрндаревска.
Организаторите апелираа на неопходноста за институционална заштита на жртвите и итно процесирање на случајот од страна на Јавното обвинителство, докажување на вина и санкционирање на креаторите и учесниците во еден ваков сериозен облик на сексуално вознемирување на жени и девојки, од кои голем дел се и малолетни – овој случај е шанса за институциите да покажат дека се залагаат за правата и безбедноста на жените и во пракса, а не само декларативно.
