КОВАКС за Северна Македонија ќе испорача 103.200 вакцини против Ковид-19, испораката кон крајот на февруари
05.02.2021
Преку КОВАКС механизмот, Северна Македонија ќе добие 103.200 дози вакцини против Ковид-19, од вкупно 337,2 милиони, кои оваа Иницијатива на ОН планира да ги испорача во првата половина од годинава во 145 земји во светот.
КОВАКС ќе покрие трошоци за набавка на вакцините за 92 сиромашни земји, додека другите ќе ги добијат по пристапни цени.
Според Ан Линдстранд од СЗО, испораките би можеле да почнат кон крајот на февруари.
Земјите ќе добијат дози пропорционално на бројот на населението.
Најмногу ќе добие Индија (97,2 милиони), потоа Пакистан (17,2 милиони), Нигерија (16 милиони), Индонезија (13,7 милиони), Бангладеш (12,8 милиони), Бразил (10,6 милиони), Кенија (4,2 милиони), Судан (3,4 милиони), Јемен (2,3 милиони) и Сирија (1,02 милиони)
Меѓу земјите во регионот, Србија ќе добие најмногу – 345.600 дози, потоа Босна и Херцеговина – 177.000, Албанија – 141.600, Северна Македонија – 103.200, Косово 100.800 и Црна Гора 84.000 дози вакцини.
Министерот за здравство Венко Филипче завчера најави дека месецов вакцинацијата ќе почне со 200.000 кинески вакцини. Датумот на испорака на вакцините ќе биде познат деновиве.