Слободни болнички кревети има во речиси сите регионални ковид центри
10.02.2021
Во изминатите 24 часа, во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 334 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот.
По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 10 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 32 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 25 пациенти, во Велес се лекуваат 34 болни, а во Куманово 40 пациенти се позитивни и суспектни на ковид-19.
Во ковид центарот во Охрид се хоспитализирани 50 пациенти, во Прилеп 20, во ковид центарот во Гостивар има 13 пациенти, а во Струга 21 позитивен пациент. Во болницата во Струмица се хоспитализирани 21 пациент, во Кочани 5, во Кичево 8, Кавадарци 35, во Гевгелија 7 лица, а во Дебар има 13 позитивни и суспектни на коронавирусот. Имајте предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 591 и има околу 490 празни болнички кревети во ковид центрите.Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород.
Во текот на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат и дополнителни легла.
Министерството има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени.
