Заев: Парламентарни избори заедно со локални нема да има
15.02.2021
„Локални избори, заедно со парламентарни нема да има. Ја повикувам секоја партија нека се изјасни јавно околу тоа. Коалициските партнери и сите тие што го сочинуваат парламентарното мнозинство, се на ставот дека треба да има редовни избори, а не постојано да одиме на избори. Ако треба да повториме 100 пати, ќе повториме“, изјави денес премиерот Зоран Заев како одговор на барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој викендов уште еднаш побара предвремени парламентарни избори за кои рече дека најдобар термин за одржување е заедно со локалните наесен.
Тој истакна дека дојде време да се работи и да се сработи до крај, заради тоа што е важен секој месец, секој ден, секој час, а не постојано да се оди на избори.
„Бевме на избори, прифативме предвремени парламентарни избори на барање на опозицијата, ја утврдивме евроатланската агенда и завршија изборите и изгуби ВМРО ДПМНЕ. Сега повторно да одиме на предвремени парламентарни избори? Зошто? Затоа што така мисли Мицкоски? Не, нема потреба да одиме, нема причини зошто да одиме. Треба да одработиме, и ако треба по 100 пати да повтроруваме за тоа, ќе повторуваме, рече Заев.
Заев вели дека не стравува оти ќе го загуби мнозинството во парламентот, туку очекува тоа да расте бидејќи смета дека води исправни и европски политики, има искрени намери и работењето е транспарентно.
„Очекувам мнозинството да расте, немам стравови дека ќе се изгуби. Впрочем и 2,5 – 3 години истеравме мандат со мнозинство од 62, 63, 64, 65 … Верувам дека имаме доволно стабилно мнозинство да носиме сериозни одлуки кои живот значат за граѓаните“, дообјасни премиерот.
