Усвоeна Концепцијата за осново образование: Следува изработка на нови наставни програми

Објавено на 5 март, 2021 во 08:37

mon

05.03.2021

По усвојувањето на Концепцијата за основно образование на седница на Владата во вторникот, следна фаза е да се изработат наставни програми за прво и за четврто одделение во кои од наредната учебна 2021/2022 година треба да почне нејзината постепена имплементација.

Министерката за образование и наука Мила Царовска пред десетина дена соопшти дека МОН наскоро ќе објави повици за подготовка на наставните програми на кои ќе може да аплицираат автори и експерти кои, како што рече, сакаат да придонесат во градењето ново, современо македонско образование. Вчера таа ги повика сите наставници и професори да се вклучат во подготвувањето квалитетни програми согласно со Концепцијата, за која рече дека е усвоена од Владата откако претходно три месеци имаше дебата и беа вклучени сите засегнати страни.

На увид во градежните работи за доградба на основното училиште „Димитар Поп Георгиев-Беровски” во населбата Хром, Царовска нагласи дека новата концепција значи и нов стандард и нов квалитет во образованието, но, исто така, и подобрување на инфраструктурата во која се одвива наставата.

Целта на Концепцијата е да го реформира основното образование – учениците да се оспособат за аналитичко и критичко мислење и наместо фактографски да учат суштински низ поврзување различни дисциплини. Предвидува нов наставен план со задолжителни и изборни предмети, при што оние кои ќе бидат опфатени во групите на општествени и на природни науки ќе се изучуваат модуларно.

Нацрт-верзијата беше претставена во ноември, до 20 јануари таа беше достапна за коментари, забелешки и сугестии на веб-страницата на МОН, а паралелно беа органиизрани и дебати со професори, директори на училишта, академици, граѓански организации. Согласно со прифатените конструктивни и издржани предлози, на 5 февруари во Собранието беше организирана јавна расправа на која беше презентирана и ревидираната верзија. Тогаш беше соопштено дека предметот Општествени науки, од прво до трето одделение ќе биде насловен Човек и општество, а од четврто до деветто – Историја и општество.

Концепцијата за основно образование е предвидена со Стратегијата на МОН за периодот 2018-2025 година и со Законот за основно образование донесен во 2019 година. Ќе се воведува етапно во период од шест години, а ќе почне во прво и четврто одделение во септември годинава.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.