Измените на Законот за попис пред Законодавно-правната комисија
02.04.2021
Пратениците во Собранието ја започнаа постапката за одложување на пописот. Измените на Законот за попис добија поддршка во Комисијата за европски прашања, а денеска претпладне се пред Законодавно-правната комисија.
На комисиската за измените на Законот за попис беа доставени повеќе од 100 амандмани од страна на опозициските партии, повеќето од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива и неколку од партијата Левица.
Коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива останува на ставот дека не треба да има одложување на пописот.
-Повикуваме на разум и свест кај албанските пратеници да се искористи Бадинтер и да го оневозможиме одложувањето, бидејќи барањето на двајцата моноетнички лидери Заев и Мицкоски не беше од здравствени причини, туку тотално од политички, од страв дека Албанците ќе бидат повеќе од тоа што планирале, а Македонците со бојкотот ќе се докаже дека се помалку. Таква политичка игра нема да дозволиме, изјави координаторот на пратеничката група на Алијанса и Алтернатива Реџепи.
Министерот за правда Бојан Маричиќ во емисијата „10 МИНУТИ“ на ТВ21 истакна дека легитимно право на секоја партија е доставувањето на амандмани на законите.
„Всушност, затоа и постојат партиите во Собрание, за да ги одобруваат или менуваат законите. Не мислам дека блокирањето со илјадници амандмани е легитимна политичка стратегија и гледаме дека тоа вообичаено оди на штета на граѓаните. Имаме и во моментов блокирани закони во Собранието, од кои што штета трпат само граѓаните, а некои партии сметаат дека на тој начин стекнуваат политички поени“, посочи Бојан Маричиќ.
Одложувањето на пописот од април за септември беше договорено на лидерската средба меѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.