По повод Светскиот ден на свесноста за аутизмот зградата на Владата во сина боја

Објавено на 2 април, 2021 во 08:24

416139

02.04.2021

По повод Светскиот ден на свесноста за аутизмот, Владата се придружи на останатите земји и зградата ја осветли во сина боја, со цел да ја афирмираме инклузивноста и да покажеме солидарност со лицата со аутизам.

-Ова е ден и кога гласно говориме за почитување на универзалните човекови права, вклучително и правата на лицата со посебни потреби кои остануваат наша одговорност и во овој период во кој заради заштита од КОВИД-19 го адаптиравме нашето секојдневие на нетрадиционални начини на работа и учење и кои мора да бидат еднакво достапни за сите луѓе, со посебна грижа за лицата со аутизам, соопштија од владата.

Втори април како светски ден за подигнување на свесноста за аутизмот се одбележува од 2008 година, на предлог на државата Катар со одлука на Генералното собрание на ООН. Од тогаш, во сите земји членки на овој ден се организираат настани кои имаат цел да го насочат вниманието кон нарушувањата од спектарот на аутизам и предизвиците со кои се соочуваат оваа група граѓани и нивните семејства.

Со симболично трчање на Кејот на Вардар, денеска ќе се одбележи светскиот ден за подигнување на свесноста за аутизмот. Настанот е организиран од страна на Здружението „Сина светулка” и „KoRЯunners”.

Целта е да се испрати порака дека лицата со аутизам се рамноправни членови во општеството и треба да им се овозможи да се учествуваат во сите сфери на нашето општествено живеење вклучувајќи го и спортот. Здружението „Сина светулка” активно учествува во подигнување на свесноста и нивото на третман на децата и лицата со нарушувања од спектарот на аутизам во нашата држава. За таа цел, во периодот што следува здружението ќе овозможи бесплатни консултации и индивидуална поддршка на семејствата и децата со аутизам, но и бесплатни едукации за сите стручни лица наменети за стекнување знаења и вештини за примена на стратегии за справување со предизвиците во однесувањето на децата со аутизам во редовните училишта.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.