Сертификат „Чисто и безбедно“ за угостителски објекти кои ги почитуваат протоколите за работа
12.04.2021
Независната угостителска комора соопшти дека од среда почнува со издавање на сертификат „Чисто и безбедно“ за угостителските објекти кои ги применуваат и почитуваат во целост препораките и протоколите за работа во услови на пандемија.
Во време на здравствената криза со пандемијата Ковид-19 во која сме затекнати повеќе од една година за секој наш гостин најважно е здравјето и неговата сигурност во престојот на угостителските објекти кои ќе мора да покажат и докажат дека ги исполнуваат бараните стандарди, препораки и услови за безбедност и превеција во заштитата на здравјето, соопштуваат од НУК.
„Сериозните угостителски објекти ресторани, кафетерии, барови, хотели и клубови сега имаат можност преку единствени процедури кои ги обединуваат сите препораки дадени од Светската здравствена организација, како и препораките кои се применуваат во соседството и Европската унија, заеднно со протоколите за работа дадени од Комисијата за заразни болести, насоките и препораките за справување и спречување на ширењето на вирусот Ковид-19 од Министерството за здравство и Владата да направат проверка и да го усогласат своето работење со цел да се здобијат со глобално признаени сертификати со кои на домашните и странските гости им се гарантира поголема безбедност во посетата на овие објекти.
Добивањето сертификат за „ЧИСТО И БЕЗБЕДНО“ е од посебно значење не само за време на пандемијата Ковид-19, туку и за постковид периодот, затоа што не само локалните гости туку и на останатите потенцијални туристи и посетители на Македонија сакаме да им укажеме дека сме тука да се грижиме за нивната сигурност и здравје при нивната посета и престој во нашите реномирани угостителски објекти.
Сертификацијата и добиениот печат угостителските објекти можат да го користат во своите рекламни материјали, на социјалните мрежи, на своите веб страни во електронска форма, како и на влезните врати на рестораните и хотелите. На овој начин се добива единствена потврда дека угостителските објекти ги исполниле не само одредени локални стандарди туку дека исполнуваат и многу глобални стандарди за превенција и заштита на личното здравје, поготово од Ковид-19 со што можат слободно на своите гости да им гарантираат чист, безбеден и пријатен престој.
Овие сертификати се веќе неколку месеци во примена во земјите на Европската унија и Балканот и со нив се имаат здобиено повеќе од илјадници угостителски објекти кои ги исполниле условите и правото на нивното користење.
Дополнително со донесувањето на препораки или протоколите за организирање на настани разни прослави, семејни веселби, свадби и корпоративни настани како и препораки или протоколи за работа на ноќните клубови и дискотеки ќе бидат изработени и соодветни сертификати согласно препораките за работа на истите наменети за овие угостителски сектори и специјализирани објекти.
Очекуваме голем интерес од угостителите за добивање на сертификати и печати за „ЧИСТО И БЕЗБЕДНО“. Апликацијата за пријавување за добивање сертификат заинтересираните угостители, менаџери и сопственици на угоститителски објекти можат да ја пополнат на следниот линк: АПЛИКАЦИЈА – БАРАЊЕ ЗА ДОБИВАЊЕ СЕРТИФИКАТ И ПЕЧАТ “ЧИСТО И СИГУРНО” , соопштија од НУК.