Продолжувањето на рестриктивните мерки ќе зависи од епидемиолошката состојба
15.04.2021
Продолжувањето на сегашните рестриктивни мерки по 20 април ќе зависи од епидемиолошката состојба и индикаторите кои се следат при носењето на одлуките за нивно воведување, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Тој додаде дека ако има потреба мерките можат да се продолжат или да се модифицираат.
-Нема да има ниту еден друг параметар или критериум освен заштита на здравјето, а во таа смисла проценка на епидемиолошката состојба која ќе биде причина мерките да продолжат или да се модифицираат, рече министерот за здравство.
Тој истакна дека надлежните институции ќе разговараат за ова и согласно состојбата ќе донесат соодветни одлуки.
-Во таа смисла проценки ќе се прават и викендот и на почетокот на следната недела и согласно тоа ќе се одлучува, рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање по посетата на вакциналниот пункт во Салата „Борис Трајковски”.
Во моментов на сила е ограничување на движењето на граѓаните во период од 20 до 05 часот, а затворени се и угостителските обекти и теретаните, а со пункт за уплата функционираат обложувалниците.