Стечајците поднесуваат барања за надомест од државата
На шалтерите на Агенцијата за вработување, од денеска, стечајците почнаа да поднесуваат барања за државен надомест од 7.100 денари. Засега не се откриваат имињата на фирмите опфатени со новиот закон за материјално обезбедување на стечајците.
Од Агенцијата велат дека прелиминарен список на фимрите има, но се прават дополнителни анализи за сопственичката структура.
Но надлежните ги повикаа сите стечајци што сметаат дека се засегнати со законот да поднесат барање, а дополнително ќе бидат известени дали ги исполнуваат условите.
Пријавувањето трае до 22-ри следниот месец, а при поднесувањето на барањето стечајците треба да приложат лична карта и да дадат изјава од која фирма бараат паричен надомест.
Од Министерството за труд и социјална политика очекуваат со Законот да бидат опфатени околу 3.000 стечајци или пак невработени лица по основ на технолошки вишок и ликвидација.
Токму новите измени беа причина за протестите на дел од здруженијата на стечајци. Тие обвинија дека од новиот закон ќе се офајдат само мал број стечајци, а поголемиот дел и понатаму ќе останат со нерешен статус.
