Вокер: Членството во ЕУ ќе ги наруши економските слободи во Македонија

Објавено на 18 октомври, 2013 во 09:33

“Членството во Европската унија можеби е добра идеја за Македонија од гледна точка на политичка стабилност, пред се во однос на соседите. Но, доколку тоа го правите од економски цели, подобро да не влегувате“ – вели Мајкл Вокер, канадски економист, основач и поранешен извршен директор на Институтот Фрејзер и еден од авторите на извештајот за Економски слободи во светот.

„Има две одделни причини зошто земјите би сакале да влезат во ЕУ. Едната е да бидат признати како еднаква, нормална држава од страна на западните земји. Претседателот Вацлав Клаус велеше дека за Чешката Република и нивното членство, овој проект нема многу врска со економските приоритети, туку пред се е проект за зачувување на некое чувство на политичка нормалност и припадност на Западот. Тоа не треба да се отфрла како недостојна цел, и македонските граѓани треба соодветно да ја проценат. Но, од друга страна, мислам дека ако сакате да водите независна, слободна пазарна агенда во вашите економски реформи, тогаш членството во ЕУ не е добра идеја. Европскиот проект не се грижи за економските слободи, туку веќе работи на елиминирање на слободите, сака да созададе внатрешни пазари и бариери кон тие што се надвор. Има аргументи во прилог на членство, политичка нормализација и географска нормализација, и цементирање на независноста на Македонија во однос на некои од нејзините соседи. Но, ако тоа го правите од економски причини, тогаш веројатно на крајот на краиштата членството нема да биде во ваш интерес“, –  изјави Вокер.

Канадскиот експерт, кој заедно со Нобеловецот Милтон Фридман е основач на индексот за Економски слободи изработуван од канадскиот конзервативен институт Фрејзер и мрежа од 80 сродни организации низ светот. Индексот е еден од најупотребуваните и најпознати извештаи од овој вид во светот, за МИА изјави дека по кризата во ЕУ, многу земји со право ја преиспитуваат својата одлука за членство.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.